Tag-Archive for » turizam «

Егзотична МК

Во  срцето на Балканскиот Полуостров се наоѓа мала и убава земја наречена  Македонија, која на своите посетители им нуди уникатна комбинација од природни убавини, традиција и културно-историско наследство во комбинација со вкусна традиционална кујна дополнето со топлото гостопримство. Автентичниот фолклор и карактеристичната народна песна исткаена со многу емоции и различен ритам, секогаш е во функција – посетителите максимално да се опуштат и да се чувстуваат како дома. Ако ги имаме во предвид сакралната архитектура, изобилството од цркви и манастири, високите планини, бистрите и брзи планински реки, водопади, кањони, езера, здрава и чиста животна средина со изобилство на здрава храна, ендемични и ретки видови, тогаш е повеќе од јасно дека Македонија има што да понуди за сечиј вкус и за сите генерации.

Но дали сме потполно свесни за сето ова?

Ако сте Македонец и ако навистина ја сакате Македонија, но и ако сте случаен посетител кој вкусил дел од овие убавини и ја чувствува оваа мала земја како дел од себе, ова е вистинскиот момент и место да ги промовираме овие убавини и да промовираме Македонија во егзотична дестинација во домашни и светски рамки. Во зависност од тоа кон што имате афинитет, таа може да ви понуди:

Еко и планински туризам
Бањски туризам
Вински туризам
Црковен и манастирски туризам
Селски туризам
Езерски туризам
Културно и историско наследство

На влезот во земјата од нејзината северна граница се наоѓа едно од најголемите чуда направени од човекот: Четвртата опсерваторија регистрирана од НАСА – КОКИНО. Оттаму почнува набљудувањето на земјата на Сонцето.

Следната импозатна глетка е Тврдината на големиот римски император Јустинијана Прима во главниот град – Скопје, обиколен со кањонот Матка и прекрасните манастири и цркви кои зборуваат за животот во средниот век на овие простори.
Во центарот на Скопје ве заплиснува и ориентот со старата Скопска чаршија и прекрасна Архитектура. Овде е родена Големата Мајка Тереза чија спомен куќа ви го раскажува нејзиниот живот.

Приказната продолжува во Централна Македонија, регионот на најубавото вино на овие простори со прекрасни плантажи лозја и врвни Винарии со вински куќи. Патот на Виното во Македонија е сторијата која мора да се доживее заради совршениот спој на традиционалната храна и столетно вино комбинирани со Сонце.

Сонцето во оваа земја најголемите Чуда ги направило на нејзиниот Југоисток каде се живее од Земја и Сонце. Овде ќе ги сретнете најубавите зеленчуци, овошја и нивните најретки видови. Тоа е регионот на плодна земја и здрава храна но и недопрена природа, водопади, бањи и безброј споменици на историјата.

Ништо помалку не се за запоставување и останатите општини и локации: манастирот Св. Јоаким Осоговски– Крива Паланка, старите кули и мостови во најстарата општина на Балканот –Кратово, Лесновскиот Манастир во Пробиштип, Виничкото кале, Битолската молика, или пак вилиното ракче како мал дел од ендемичните видови, Тетовското Теке и Шар Планина, бистрата Радика, иконостасот во Бигорски, античкиот локалитет Стоби и Хераклеа и уште многу, многу други антички театри, византиски цркви и отоманските џамии. Во суштина, Македонија е уникатен колаж на едно мулти-културно општество.

На крај Сонцето заоѓа на Запад – најатрактивната туристичка дестинација во моментот. Фантастична природа, Национални паркови, Вештачки и Природни езера и чуда на природата и историјата ве среќаваат на патот од Северна кон Западна Македонија на чиј крај влегувате во Европскиот ЕРУСАЛИМ – ОХРИД. Градот под заштита на Унеско познат како седиште на најстариот Универзитет на светот.

Лично сметам дека Македонија останува една од недоволно откриените Европски дестинации, кои и самите ние многу малку ги познаваме и истовремено ги промовираме.

Дали имаш желба заедно да прошетаме и уживаме во дел од овие убавини. Дали имаш желба заеднички да промовираме некоја дестинација која би го дополнила овој мозаик или би ја комплетирала целокупната слика.

Приклучи се и остави своја статија фото или видео запис. Ова го правиме само со цел поуспешно да ја промовираме Македонија во егзотична дестинација.

Една поговорка вели „Колку повеќе ја познаваш, толку повеќе ја сакаш“.

Предложи нова дестинација!

Гласај за топ десет дестинации!

Предложи нешто сосема ново и неоткриено за пошироката јавност!

Македонија ќе биде главна тема во Мај на CNN во програмата "i-list"
која ќе се емитува во живо од 10-14.05.2010 под раководство на
г-а Хала Горани.  http://edition.cnn.com/SPECIALS/2010/ilist/